– Под мотото „За Републиката, Уставот, нацијата, единството на народот”, албанскиот претседател Илир Мета ги повикува Албанците да се обединат на плоштадот „Народни херои” на 2 март во 17 часот.
Соопштувајќи го мотото на протестот, од кабинетот на Мета објаснуваат дека целта на овој мирен протест е да се подигне свеста на Албанците за одбрана на нивниот суверенитет.
– Целта на оваа мирна манифестација е да се подигне свеста и будењето на албанските граѓани да го заштитат и да го вратат својот суверенитет над сите институции во Републиката, права кои се загарантирани со Уставот на Република Албанија и основните принципи признати од него, стои во објавата од кабинетот на Мета.
Од граѓаните, кои се очекува да присуствуваат масовно, се бара да носат национални знамиња и цветни букети од мимози, кои, како што стои, го навестуваат доаѓањето на црвено-црната пролет за сите Албанци обединети каде и да се.
Од кабинетот испратен е допис до генералниот директор на полицијата Арди Велиу, со кој го информираат за денот, времето и местото на протестот и се бара преземање соодветни мерки за да се обезбеди јавен ред и безбедност.
Претседателот Мета овој протест го најави на 19 февруари, кога на вонредна прес-конференција ги повика граѓаните да протестираат поради, како што го нарече, „државниот удар” кој сака да го финализира владејачкото мнозинството со преземање на контролата врз Уставниот суд.