Поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски и екс министрите Спиро Ристовски, Миле Јанакиески, како и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски, обвинети за организирање на настаните од 27 април во Собранието на денешното рочиште рекоа дека не се чувствуваат виновни.
Првообвинетиот Вељаноски обвинението за овој настан го нарече класичен политички прогон и дополни дека не чувствувал ни малку вина за овој настан. Истиот став дека се работи за политички прогон го дели и обвинетиот Ристовски кој исто така посочи дека не чувствува вина. Дека не е виновен за настаните во Собранието рече и обвинетиот Јанакиески кој дополни дека ќе се побидел пред судот да направи реконструкција на овој настан со цел јавноста да ја дознаела вистината. И обвинетиот Атанасовски, како и претходните тројца обвинети рече дека не чувствува вина
Претходно судијата Илија Трпков, на почетокот на денешното рочиште извести дека биле доставени сите докази на Обвинителството за гонење организиран криминал до адвокатот Јордан Апостолски кои се состојат од еден хард диск и скенирани материјали, а поради кои беше одложено првото рочиште.
– Обвинителството ќе докаже докаже дека обвинетите во овој судски процес сториле кривично дело терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста на државата и се обиделе да оневозможат мирно предавање на власта. Замислете мозаик, секој од овде присутните и обвинети се коцка во тој мозаик. Ќе слушнете дека на денот Ристовски и Јанакиески биле во штабот на партијата затоа што биле високи партиски функционери, а дека Трајко Вељаноски бил во Собранието и не знаел за настанот. Тој додека се интонираше химната на Албанија наместо да го спречи пеењето на пратеникот што беше иницијална каписла за насилствата, тој не заборави да се допишува со неговиот шеф Груевски. Дали обвинетиот се обиде да ги заштити своите колеги пратеници? Тој не само што не направи ништо, туку тој ѝ помогна на група предводена од Никола Митревски Кољо да стигне до салата 3 каде што беа новите пратеници. Ете таков човек сме имале за претседател на Собранието, рече обвинителката Вилма Русковска, која го обвини и Владимир Атанасовски дека како тогашен директор соработувал со водачите на групата која направила упад во Собранието.
– Историјата не памети кога еден народ ист по јазик, вера и традиција се разделува на толку различни страни, една од друга потуѓа, рече Русковска.