Со вечерашните (21 ч.) два натпревари Реал Мадрид – Манчестер сити и Лион – Јувентус ќе се комплетира првиот круг од осминафиналето во елитното клупско фудбалско натпреаврување Лигата на шампионите. На „Сантијаго Бернабеу“ најтрофејниот клуб со европски титули Реал Мадрид ќе го пречека актуелниот англиски првак Манчестер сити, кој во меѓувреме заработи двегодишна забрана за настап на евро-сцената од УЕФА, па пред принудната пауза ќе сака да им ги расипе есапите на челниците во Нион, со освојување на пехарот со „големите уши“.
Токму затоа на „Сантијаго Бернабеу“ се очекува голема пресметка, меѓу кандидатите за освојување на европската круна. „Кралевите“ го имаат рецептот како се стигнува до трофејот. Досега тринаесетпати го кревале пехарот со „големите уши“. За разлика од нив на Манчестер сити му недостасува овој трофеј во неговата колекција. „Граѓаните“ ја загубија трката за одбрана на титулата во Премиерлигата и ќе бараат спас на сезоната токму во ЛШ. Овие две екипи последен пат се соочија во полуфиналето во ЛШ во 2016 година, а беа елиминирани „граѓаните“ (0-0 и 1-0). Во тимот на Сити за новата пресметка неизвесни се настапите на Рахим Стерлинг и Лирој Сане, додека „кралевите“ нема да можат да сметаат на Еден Азар.
Оваа пресметка ќе биде судир на две различни тактики и филозофии за фудбалот подготвени од трофејните стартези Зинедин Зидан и Пеп Гвардиола. Ова ќе биде и прва тренерска пресметка на Гвардиола и Зидан.
На „Парк Лион“ францускиот Лион го пречекува повеќекратниот шампион и лидер во италијанската Серија А, Јувентус. Францускиот Лион иако не блеска како домаќин во францускиот шампионат сепак не е воопшто наивен противник. „Старата дама“ предводена од Кристијано Роналдо, кој пред неколку дена го одигра 1.000-от натпревар во кариерата, важи за фаворит во овој двомеч. Проблем за тренерот Маурицио Сари е формата на играчите од средниот ред. Но, враќањето на Џорџо Кјелини по повредата ќе биде засилување во одбраната, а нападот со Пауло Дибала како лажна деветка ќе му овозможи поголем простор за реализација на Роналдо, кој постигнуваше голови на 11 натпревари во низа.