Ветеринарката од австралиски Бризбејн, Кетрин Апули, му помогнала на папагалот Веј Веј повторно да лета.
На птицата ѝ биле отсечени крилјата и луѓето коишто ја вдомиле биле сигурни дека никогаш повеќе нема да лета. Меѓутоа, докторката Апули направила сè што е во нејзина моќ за Веј Веј повторно да се вивне во височините. За време на интервенцијата ветеринарката користела донирани пердуви, лепак и чепкалки за заби.
Како што пренесува српски „Телеграф“, постапката била безболна бидејќи папагалот бил под анестезија за време на пресадувањето.
„Веј Веј беше донесена на преглед за сопственикот да се информира за нејзината здравствена состојба. Веднаш беше очигледно дека женскиот папагал има исечени крилја, односно дека нема пердуви“, изјавила д-р Апули.
Ветеринарката користела донирани пердуви за да направи вештачки крилја. Веј Веј за време на интервенцијата не почувствувала никаква непријатност.
„Го предупредив новиот сопственик за евентуалните повреди што може да се појават како резултат на сечењето на крилјата. Една недела подоцна, Веј Веј повторно дојде во ординацијата за вградување чип. Тогаш ми кажаа дека птицата паднала додека очајнички се обидувала да полета и поради тоа си ја повредила ногата“, објаснила докторката.
Апули рекла дека постапката за вметнување вештачки крилја била направена една недела подоцна. Папагалот се вратил во домот на новиот сопственик, каде се навикнува на новите крилја и учи да лета.
Инаку, Веј Веј од страна на првиот сопственик била подложена на контроверзен третман на сечење на крилјата, со кој луѓето сакаат да се осигураат дека нивните птици нема да побегнат.