Бугарскиот тим Лудогорец со сите расположиви играчки сили ќе замине за Милано, жариштето на коронавирусот во Италија, каде утре ќе го играат реванш натпреаврот од осминафиналето во Лига Европа со домашниот тим на Интер кој по првата пресметка има предност од 2:0. Тренерот на Лудогорец, Павел Врба им овозможил на своите играчи самите да одлучат кој ќе патува за Милано.
-Во понеделникот Врба имаше состанок со фудбалерите на кои им соопшти дека не е обврзувачки сите да одат на гостувањето. Ако некој се плаши и не сака да биде изложен на ризик од коронавирусот, дека може да остане во Разград. Но, никој не се исплаши, дури сите рекоа дека сакаат да играат, открил Иван Дијас, кондицискиот тренер на Лудогорец, а го пренесе „Мундо Депортиво“.
Лудогорец првобитно планирал да оди во Милано со две ноќевања, но за да нема поголема изложеност во опасниот во регион на Ломбардија, каде има и најмногу случаи на заразени со коронавирусот, планот е преиначен и бугарскиот тим ќе допатува во Милано ден пред мечот. Следниот ден веднаш по мечот експедицијата се враќа во Бугарија. На мечот кој ќе се игра на „Џузепе Меаца“ нема да има ниту новинари, освен технички персонал за ТВ-преносот, а откажани се и пресконференциите. Екипата на Лудогорец, за време на 48 часа престојот во Милано превентивно ќе биде придружувана и од еден епидемиолог кој ќе ја следи целата ситуација и ќе дава упатства како да се однесуваат.