Американскиот центар за контрола и превенција на болести (ЦДЦ) ги предупреди Американците да започнат со подготовките за ширење на коронавирус во САД по појавата на инфекции во уште неколку земји.
Соопштението сигнализира промена на тонот на американската здравствена агенција со седиште во Атланта, која во најголем дел се фокусираше на напорите да се спречи влегувањето на вирусот во земјата и да се стават во карантин лицата што пристигнуваат од Кина.
– Минатонеделните податоци за ширењето во други земји го зголемија нашето ниво на загриженост и очекување дека ќе имаме ширење на заразата и тука, рече д-р Ненси Месоние, директорка на ЦДЦ за респираторни заболувања. – Не е познато кога или колку тешка може да биде епидемијата во САД. Д-р Ен Шучат, заменик-извршен директор на ЦДЦ, вели дека иако непосредниот ризик во САД е низок, сегашната глобална состојба сугерира дека е можна пандемија.
– Не е прашање дали. Прашањето е кога и колку луѓе ќе бидат заразени, рече Шучат.
Во меѓувреме, министерот за здравство Алекс Азар пред поткомитетот на Сенатот изјави дека најверојатно ќе има повеќе случаи во САД и тој побара од законодавците да одобрат 2,5 милијарди американски долари средства за борба против епидемијата, откако предложија намалување на буџетот на Министерството.
Од друга страна, директорот на американскиот Национален институт за здравство, Ентони Фаучи, рече дека вакцина против коронавирус во САД ќе може да се тестира на луѓе за месец и половина, и дека ќе биде подготвена за масовна употреба за година и половина.
– Предвидувам дека ќе можеме да започнеме со тестирање на вакцината врз луѓето за месец и половина, рече Фаучи на прес-конференција.
Според него, првата фаза од тестирањето на вакцината ќе трае околу три месеци. Во оваа фаза, вакцината ќе биде тестирана на 45 лица, а во следната фаза – „на стотици, па дури и илјадници”.
– Дури и ако сè е направено со брзина на вселенска ракета, ќе трае 6-8 месеци. Затоа, ако зборуваме за достапност на вакцината за широка употреба, терминот е година и пол, потенцира Фаучи.