Вкупно 424 лица се заразени со коронавирус во Италија. Досега во земјата починаа 12 лица од вирусот, а тројца пациенти се излекувани, покажуваат податоците на Цивилната заштита. Последната жртва е 70-годишна жена од Емилија-Ромања.
Излекуваните пациенти се во Рим, а станува збор за двојка кинески државјани и за момче кое се вратило од Вухан, Кина.
„Тројца пациенти кои беа позитивни на коронавирусот се излекувани. Ова е порака до Италијанците дека болеста е излечлива“, рекол Франческо Виана, директор на италијанската болница за заразни болести „Спаланцани“ во Рим каде биле третирани пациентите.
Болницата во лекувањето користела антивирусна експериментална терапија, прецизирал тој. Лекарите експериментирале со антивирални агенси и лекови кои се користат против вирусот ебола.
Од вкупниот број заболени во Италија, 36 пациенти се на интезнвиа нега.
Од петокот биле спроведени 9.687 тестирања и само 4 отсто биле позитивни. Тестирани биле лица со симптоми и оние кои биле во контакт со заразени лица.
Најпогодена од коронавирусот е Ломбардија, каде има 258 случаи, меѓу кои и четири деца на возраст од 4,10 и 15 години, кои имаат благи симптоми.
Кодоња и девет градови во Венето се во карантин по хоспитализацијата на 38-годишниот „нулти пациент“, со кој се поврзани повеќе случаи во Ломбардија. Во Венето заразено е 71 лице, а во петокот е регистриран првиот смртен случај.
Училиштата, универзитетите и кината се затворени, а откажани се и неколку јавни настани. Пред болницте во Ломбардија е поставен полициски надзор.
Постојат стравувања дека ширењето на коронавируст ќе предизвика рецесија во Италија, јави известувачот на Би-би-си од Милано наведувајќи дека кафулињата и рестораните се празни, а во хотелите се откажани бројни аранжмани.
„Гардијан“ пренесува дека обвинителство во Италија отворило истрага за процедурите спроведени од страна на болниците во регионот на Ломбардија, центарот на епидемијата на коронавирусот во Европа, по извештаите дека лекарите првично го одложиле тестирањето на италијанскиот „нулти пациент“, кој се верува дека е 38-годишниот маж, дозволувајќи болеста да се прошири брзо, како во земјата така и надвор од нејзините граници.
По Италија, потврдени се случаи и во Шпанија, Франција, Австрија, Швајцарија, Хрватска, Германија, Грција, Норвешка и Алжир, како и во нашата држава.