– Поттретседателот на Владата на Косово Авдулах Хоти смета дека секое одолговлекување со укинувањето на таксата од 100 осто на увозот од Србија и Босна и Херцеговина ја компромитира позицијата на Косово во дијалогот со Србија и носи ризик од изолација на владата и на земјата, јави дописникот на МИА од Приштина.
Хоти на својата страница на Фејсбук нагласи дека вклучувањето на Соединетите Американски Држави во преговорите со Србија е мошне позитивно и порача дека одлагањето на одлуката за укинување на таксата, што е услов за продолжување на дијалогот со Белград, им наштетува на односите со Вашингтон и Брисел.
– Американското вклучување во дијалогот ја промени динамиката на преговарањето. Ставот на државниот секретар (Мајк) Помпео и заложбите на амбасадорот (Ричард) Гренел дека суверенитетот на Република Косово е премногу значаен за иднината на регионот и дека договорот за мир меѓу Косово и Србија треба да резултира со меѓусебно признавање, се гаранции за нашата преговарачка позиција и за нашите цели, напиша Хоти.
Според првиот вицепремиер на Косово, дијалогот треба да го води косовската Влада, која го носи легитимитетот што ѝ го делегира Собранието.
– Што поскорешното вклучување дава време за поповолни преговори за конечниот договор. Таксата на српските и босанските стоки претставува ненадминлива пречка за меѓународната заедница, САД и ЕУ. Секое одлагање на укинување на таксата ја компромитира нашата преговарачка позиција во овој дијалог, им штети на нашите односи со САД и ЕУ, а воедно и носи ризик од изолација на Владата и на земјата, вели Хоти.
Тој смета дека ниту една еднострана мерка од страна на официјална Приштина не може да ја одбрани и унапреди косовската позиција, доколку таа не е поддржана од Вашингтон и Брисел.
– Владата на Република Косово треба да ја укине фамозната такса и така да седне рамноправно со нејзините пријатели на преговарачката маса. Секоја друга алтернатива сериозно ја загрозува иднината на земјата, порача Хоти.