Томовски: Власта да одговори која фирма ќе го добие 19 милионскиот тендер во РЕК Битола

Власта да одговори која фирма ќе го добие 19 милионскиот тендер во РЕК Битола, порача Ивица Томовски од ВМРО-ДПМНЕ, на прес-конференција.

Тој обвини дека СДСМ забрзано турка криминал во РЕК Битола со тендерот за набавка на помошна механизација. Според опозицијата, Власта извршила низа законски прекршувања во постапката за јавна набавка за помошна механизација за потребите на РЕК Битола.

„На 24 јануари, на неполни 7 дена пред истекот на рокот за поднесување понуди, врши промена во тендерската документација, спротивно на закон и без продолжување на рокот за поднесување на понуди. СДСМ го штелува и мести тендерот. Очигледно е дека извршените промени се со цел учество на јавно надавање да се ограничи на однапред определен број на фирми. Овој криминал во обид бил воочен од фирмите кои не се во шема со власта и истите го обжалиле процесот на јавна набавка до Државната комисија за жалби по јавни набавки“, рече Томовски.

Тој побара од Заев и Ковачевски да одговорат која е фирмата за која се крои 19 милионски бонбона бизнис во ек на кампања, како и дали се брза да се додели тендер со цел испумпување на пари на сметка на фирми блиски до СДСМ за финансирање на кампањата.

До ВМРО-ДПМНЕ пристигнале информации дека се врши притисок врз членовите на Државната комисија за жалби по јавните набавки за отфрлање на жалбата на тендерот со цел да се обезбедат црни пари за кампања на СДСМ.

„Апелираме до Државната комисија за жалби по јавните набавки и АД ЕЛЕМ да не си играат со законите и за партиски цели да прават кривично дело. Одговорност за секој криминал ќе има“, додаде Томовски.

Треба да знаете
Последни објави