Со грант средства од 47,5 илјади евра преку Проектот за подобрување на општинските услуги МСИП, кој Министерството за финансии го спроведува со поддршка на Светска банка, општина Илинден доби нов скејт парк на површина од околу 500 метри квадрати.
Министерката за финансии Нина Ангеловска посочува дека преку овој проект поддржан од МСИП, граѓаните, пред се младите во општината добиваат место за дружење, рекреација и спортување, додека општината ја збогатува понудата на содржини кои ги нуди на своите граѓани.
Инаку, општината го доби грантот за изградба на скејт паркот врз основа на друг успешно реализиран проект, исто така финансиран преку проектот на Министерството за финансии МСИП – односно реконструкцијата на локалниот пат Кадино и реконструкција на два моста. Патот е во должина од километар и пол и е од големо значење за општината, бидејќи ја поврзува со главниот коридор Скопје-Атина. Воедно, тој овозможува и поврзаност со локалната економска зона на општината, каде што се лоцирани повеќе од 70 компании.
Преку Проектот за подобрување на општински услуги-МСИП изминатите две и пол години се поддржани над 160 проекти во 80 општини во земјава во вредност од 30 милиони евра.