„Играа фер” ученици од 11 основни училишта во организација на АМС

Агенцијата за млади и спорт денеска на фудбалското игралиште Локомотива во скопски Карпош го организираше спортскиот настан „Играј фер”, на кој 35 ученици од 11 основни училишта од Скопје, Тетово и Велес одржаа фудбалски тренинг заедно со Дарко Панчев и Вујадин Станојковиќ.

Младите фудбалери имаа можност да слушнат мотивациски говори, совети и техники од спортските ментори, а потоа одиграа фудбалски натпревари во мешан состав.

Целта на настанот е запознавање, вмрежување и интегрирање на млади кои не доаѓаат од иста средина, како и надминување на стереотипите, зголемување на меѓусебната толеранција на млади од различни етнички средини и нивно поврзување преку фер спортска игра.

– Со овие заеднички тренинзи ги насочуваме децата што повеќе да спортуваат и да ги урнат сите бариери, сите различности и сите предрасуди. Спортот е моќна алатка со која децата се учат на заедништво преку тимскиот дух. Преку спортот можеме да направиме поубава држава за живеење, бидејќи на крајот спортот е тој што победува, а тимскиот дух ги насочува младите во правилна насока, изјави Дарко Каевски, директор на АМС, соопштувајќи дека ќе продолжат со тренинзи во  различни спортови. Следниот викенд ќе организираат тренинг во борење, а потоа во кошарка.

Фудбалерот Вујадин Станојковиќ истакна дека љубовта кон спортот и работната навика се многу важни.

– Иако не можеме сите да бидеме врвни фудбалери, сигурно е дека ќе стекнеме многу пријатели и навики кои ќе ни користат во животот. Сигурен сум дека некое од овие деца ќе израсне во ѕвезда и репрезентативец или фудбалска легенда, рече Станојковиќ.

Дарко Панчев истакна дека спортот зближува, а пријателствата остануваат без разлика кој колку ќе успее.

– Ова треба да се интензивира и да се вратат школските натпреварувања ако ги нема. Благодарение на професорите, па преку тренерите, излегуваат врвни спортисти од училишниот спорт, а ние како поранешни спортисти сме тука да дадеме свој придонес, им порача Дарко Панчев на младите фудбалери.

Треба да знаете
Последни објави