Албанскиот премиер Еди Рама, во својство на партиски лидер, во обраќањето на изборниот конгрес на Социјалистичката партја (ПС) што се одржува во Тирана, рече дека за трет мандат му се потребни 800 илјади гласови.
– 800.000 гласови за третиот мандат, лесно е да се каже, но тешко да се направи, згора на тоа, кога по осумгодишниот пат, треба да се признае и разбере дека е потребна повеќе енергија. Со два мандата што ги добивме во 2013 и 2017 година, направивме повеќе државни реформи и промени отколку сите влади во овие 30 години, рече Рама.
Тој оцени дека Социјалистчката партија е посилна од кога било во последните 30 години.
-Имаме поддршка од мнозинството, кое ни довери мандат со најголем број гласови што ги освоила ПС некогаш, не само во споредба со нашите опоненти туку во споредба со самата себе. Затоа, наша прва обврска е не само да бидеме првата партија на следните избори, што е неспорно, туку да имаме најголема поддршка што сме ја имале претходно, посочи Рама.
Тој вети дека од први јануари 2021 година мнималната плата ќе биде 30.000 леки или околу 250 евра. Моментно минималецот во Албанија е 26.000 леки.
-Првиот мандат беше да ги поставиме темелите, вториот мандат да ги отвориме претпријатијата, третиот мандат ни е потребен конечно да ја поставме Албанија на друго ниво како држава и економија. Ние создадовме основа за развој на економијата, да имаме значителен обем на странски инвестиции,реално зголемувањена вработеноста, повисоки нивоа на плати. Оваа пролет ќе ја лансираме економската програма и ја започнуваме втората фаза на реформите. Од 1 јануари 2021 година минималната плата ќе биде 30 илјади леки, вети меѓу другото Рама.
Искористувајќи го присуството на 1.500 делегати на Конгресот, Рама предупреди на внатрешно чистење во рамките на СП.
Тој јасно им порача на сите министри и пратеници дека „кој нема повеќе енергија за да направи повеќе километри, треба да отстапи”.