Либанските власти ги повикаа надлежните на сите универзитети, училишта и градинки да ги затворат установите до 8 март, како дел од мерката на претпазливост поради новиот коронавирус. Ова е прва земја од Блискиот исток којашто објави вакви мерки за време на напорите на регионот за борба против брзото ширење на болеста.
Либан досега регистрираше седум случаи на коронавирус, а десетици поминале низ проверки или чекаат резултати или биле тестирани негативно за Ковид-19.
Тројца од заболените пациенти – двајца либански државјани и еден Иранец – се вратиле од Иран, регионалниот епицентар на вирусот, каде има стотици пријавени случаи и десетици мртви. Четвртиот случај е државјанин на Сирија и се претпоставува дека бил во контакт со некој кој бил во Иран, објави либанското Министерство за здравство. Подоцна беше објавено дека се пријавени три нови заболени, кои претходно биле во контакт со заразените и во моментот има седуммина заразени со вирусот.