Деведесеттиот автомобилски салон во Женева утре (03.03) требаше да ги отвори вратите за новинарите, а на 5 март и за пошироката публика. Но, манифестацијата е откажана во последен момент, на само пет дена пред започнувањето поради опасноста од ширењето на коронавирусот. Ова ги доведе во непријатна ситуација сите изложувачи кои веќе има подигнато штандови и донесено автомобили кои треба да ги враќаат назад во нивните централи.
Според првичните најави и направени песметки за изложување на вакви меѓународни саеми, направени се големи трошоци. Досега, откажувањето на 90. саем во Женева производителите ги чини вкупно околу 250 милиони евра. Секако, штетата предизвикана како последица на ненаправената планирана промоција на нови модели не е вкалкулирана и во суштина е непроценлива. Кога станува збор за трошоците, мора да се додаде и штетата што ќе ја претрпат организаторите на саемот, но и оние од услужните дејности како воздушниот сообраќај, хотелското сместување и организација на кетеринг, приеми, вечерите,…
Веќе денеска, според booking.com, во Женева, има огромна понуда на скапо, но достапно сместување во сите хотели. Инаку, за време на саемот, слободен кревет е „невозможна мисија“ со месеци однапред. Цените исто така се тројно повисоки во тие денови.
Според проценките на градот Женева, штетата предизвикана од откажувањето на автомобилското шоу се проценува на околу 200-250 милиони швајцарски франци. Целокупната штета со откажувањето на саемот се поценува дека ќе биде околу половина милијарда евра.