Поттикнувањето дискусија за новата финансиска рамка на програмата Еразмус+, каде што посебен акцент се става на дигитализацијата на високообразовните институции, како и за таканаречената Иницијатива за Еразмус студентска картичка, беа дел од темите за кои се дебатираше на денешната конференција „Дигатално или дигипадно”, во организација на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност во рамките на активностите на мрежата Евридика и во соработка со Министерството за образование и наука.
Лидија Димова, директорка на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност рече дека се чека нова финансиска перспектива од страна на Европската Унија која ќе го опфати периодот 2021 – 2027 и увери дека средствата во Еразмус ќе бидат многу повисоки отколку што биле.
– Станува збор за огромна сума на средства и со оглед на тоа дека зборуваме за мобилности каде што не се трошат толку лесно парите. Европската комисија се наоѓа пред „слатки маки” затоа што навистина ќе биде малку комплицирано да се потроши тој износ на пари. Двојно повеќе значи 30 милијарди евра, а ако се тројно повеќе тоа се 45 милијарди евра. Со оглед на тоа дека нема доволно пари во Европскиот буџет без Обединетото Кралство ќе има скратување на средствата. Верувам дека зголемувањето ќе биде од 30 милијарди евра. Тоа се одразува на прилично во она што ние ќе го работиме, особено во она што вие како универзитети ќе го работите. Ние сега имаме буџет од околу седум милиони евра. Во текот на 2019 година успеавме да привлекуваме дополнителни 3,2 милиони евра во делот на училишта и образование, рече Димова.
Од Нацрт регулативата, кој е од програмирањето со МОН, посочи Димова, е дека во 2021 знаеме дека ќе имаме минимум 21 милиони евра, што се прилично многу пари. Таа додаде дека ова од една страна е одлично што ќе стојат на располагање повеќе финансиски средства, но од друга страна значи дека се става под знак прашалник капацитетот на нашата држава, односно капацитетот на универзитетите дали можат да ги апсорбираат тие пари.
– Проблемот не е толку голем околу одобрувањето на проектите, но понатаму се случува да ги вратите средствата, не ги реализирате. Поради тоа што ги враќате тие средства, кои ние ги враќаме во Брисел, затоа штоа ако на самиот почеток вие ги враќате средствата ние можеме да ги пренасочиме кон некоја друга акција, ама кога не ги реализирате тоа значи дека парите пропаѓаат.
Снежана Билиќ од Меѓународниот балкански универзитет истакна дека информациите кои што треба да ги имаат студентите и академскиот кадар за тоа какви се нивните можности за студирање надвор од државата секогаш не се пристапни.
– Студентите и академскиот кадар не можат секогаш да дојдат до информации каде можат да заминат на мобилност и студентите мора да ги познаваат потребните странски јазици кои што се предвидени со интер-институционалните договори и поради тоа да имаат соодветно ниво за да можат да ги посетат странските универзитети, рече Билиќ.