Во општините каде што припадниците на албанска заедница се повеќе од 20 отсто постојат двојазични табли на државните институци, а таму каде што не се – не постојат такви табли, изјави денеска лидерот на СДСМ, Зоран Заев одговарајќи на новинарско прашање за „различно толкување” на Законот за употреба на јазиците од негова и од страна на вицепремиерот Бујар Османи.
– Имаме тим, меѓуресорско тело на ниво на државни секретари, којшто го води генералниот секретар на Влада, каде што има реално толкување за се. Но, дефинитивно во општините каде што граѓаните од етничка албанска заедница се повеќе од 20 отсто постојат двојазичните табли. Таму каде што не се – не постојат двојазичните табли и секако тоа толкување ќе го добиете, нагласи Заев на прес-конференција во седиштето на СДСМ.
Тој потенцира дека она што го предвидува овој Закон е употребата на јазикот заради практичната потреба, не за изнасилување на една заедница врз друга заедница, туку за меѓусебно почитување на правото на употребата на мајчиниот јазик.
– Верувам дека ќе се случуваат и табли на турски јазик во Гостивар, каде што имаме голема турска заедница или на српски јазик во Куманово или во Старо Нагоричане или во Чучер Сандево итн. Ги земам како примери затоа што рековме јазикот е право. На крајот јазикот е нешто што ни треба за да се разбереме, нагласи Заев.