Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, денеска прими претставници на Филолошкиот факултет „Блаже Конески” – Скопје и на Здружението на професори по француски јазик на Република Македонија.
Професорките го информираа Претседателот за активностите на здружението во пресрет на одбележувањето на 20 март – Меѓународниот ден на франкофонијата и на 50-годишнината од формирањето на Меѓународната Организација на Франкофонијата, за статусот на изучувањето на францускиот јазик и култура во земјава, како и за едукативните и културните активности на здружението во воспоставувањето на македонско-француските врски.
На средбата претседателот Пендаровски го истакна значењето што Република Северна Македонија го придава на членството во Франкофонијата, преку прифаќањето на темелните принципи и вредности на оваа организација, кои се во корелација со стратешките определби на државата за членство во Европската Унија и во НАТО. Во тој контекст, посочи претседателот Пендаровски, беше и поставувањето на амбасадорот Пајо Авировиќ на должноста Специјален пратеник на Претседателот на Република Северна Македонија при Постојаниот совет на Меѓународната Организација на Франкофонијата кон крајот на минатата година.
По повод одбележувањето на 50-годишнината од формирањето на Меѓународната организација на Франкофонијата, претседателот Пендаровски ја прифати поканата да биде покровител на франкофонските активности во Република Северна Македонија во 2020 година.