Кога ќе се спомнеше Тирана до пред петнаесетина години со потсмев се гледаше на нејзината изолираност, на илјадниците бункери кои срамежливо ѕиркаа од сите страни на ридовите кои ја опкружуваа и беа неми сведоци на едно не така дамно минато време.

Таа приказна за изолирана Албанија долго како опашка се влече и ден денес и ја раскажуваат сите кои не биле и не го виделе нејзиното повторно раѓање. Сега Тирана, главниот град на Албанија со скоро милион жители , е големо градилиште. Багери, асфалтни машини, скелиња, работници насекаде. Нови модерни имоти за домување, помали фабрики и огромни трговски центри се насекаде.

За диктатурата на Енвер Хоџа единствен сведок е големиот плоштад, изграден главно од италијански архитекти за време на фашистичката окупација. Во центарот доминира прекрасниот бронзен споменик на националниот херој Скендербег на коњ.

Како шетате низ Тирана сваќате дека долгорочната изолација на Албанците, сепак, не ги направи непристојни и необразовани. Напротив, ги доживувате како љубезни и љубопитни, но со голем репект кон туристите. Исто така, знамињата на САД и ЕУ на многу места е заедно со албанските знамиња. Двоглав црн орел на црвена позадина е пред јавните институции, училишта, хотели, куќи, кафулиња, на чаршави, држачи за чаши. Орелот инаку беше на штитот на националниот херој Скендербег.

Европското, посебно италијанското влијание е видливо особено во кујната каде се служат различни видови тестенини. Покрај националната валута леки, евра се примаат насекаде. Народот работи и граби напред. Трговските центи преполни со роба, младите уживаат во кафетериите и пред себе ја гледаат евроската перспектива. И додека цел свет ја гледаше Албанија преку 700.000 бункери на Хоџа исмевајќи ја, оваа земја полека прерасна во сериозен кандидат за членство во ЕУ.



Валентина Ангеловска
Фото: Слободан Ѓуриќ



