Тригодишното девојче од Сирија, чиј татко ја научи да се смее на звукот од бомбите наместо да се плаши од нив, успеа безбедно да побегне во Турција, пренесува Би-би-си.
Салва стана позната преку видеото кое стана вирално, а на кое се гледа како таа заедно со нејзиниот татко се смее на звукот на бомбите кои ги испуштаат воени авиони во Идлиб.
I am happy to report that 3-year-old Salwa and her parents have made it safely out of Idlib to Turkey. The family made headlines for a game where dad Abdullah got Salwa to laugh at falling bombs to protect her from trauma. For the first time ever, she can laugh at normal things. pic.twitter.com/jTET7z7rRj
— Bethan McKernan (@mck_beth) March 3, 2020
Салва и нејзиниот татко, Абдула Мохамед нашле уникатен начин како да се справат со воздушните напади во градот. Тој ја научил својата ќерка да се смее наместо да се плаши од ужасниот звук на бомбите што убиваат човечки животи.
Нивната игра предизвика емоции и сочувство кај турската влада за да им помогне на девојчето и нејзините родители безбедно да ја преминат границата, една недела по објавата на видеото.
Абдула Мохамед изјавил за турските медиуми дека тој и неговата ќерка со видеото се обиделе да испратат порака до меѓународната заедница. Рекол дека е среќен што дошле во Турција и дека Салва сега ќе има можност да оди во училиште.
„Се надевам дека конфликтот во Сирија наскоро ќе заврши и дека ќе се вратиме“ рекол Абдула.
Во Турција веќе има 3.7 милиони сириски бегалци. Идлиб е последното упориште на бунтовниците во Сирија.
Приближно еден милион луѓе ја преминаа сириско-турската граница од декември минатата година, поради војната во регионот на Идлиб.