Сведок во „Титаник“: Не сум донирала пари за ВМРО-ДПМНЕ, а ме има на листа

Даниела Груевска денеска сведочи на рочиштето за случајот “Титаник”. Таа е една од фиктивните донатори на ВМРО-ДПМНЕ. Имено во 2011 година се нашла на листата на донатори на ВМРО-ДПМНЕ, и тоа дека уплатила 60.000 денари, или 1.000 евра. Сведокот појасни дека тогаш била невработена и дека никогаш не донирала пари за партија.Обвинителката Лиле Стефанова ја праша дали во 2011 година имало уплатено 60.000 денари како донација на некоја политичка партија?

-Немам уплатено, рече сведокот, која дополни дека ниту на друго лице не му дала пари за да уплати во нејзино име донација за партија. Таа појасни дека дознала дека е на листата на донатори на ВМРО-ДПМНЕ кога добила покана од СЈО да сведочи.

Сведокот првото вработување го добила во 2015 година, и работи во основно училиште.

Адвокатката Сања Алексиќ ја праша Груевска дали била политички активна и дали извршувала некаква партиска функција?

-Бев партиски активна и бев секретар на Унија на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, ама не можам да се сетам дали во 2011 година, одговори сведокот. Судењето е во тек.

 

Минатото рочиште за овој предмет се одложи заради отсуство на обвинетиот Кирил Божиновски. Случајот е во фаза на презентација на сведоци, а на денешното рочиште се сослушуваат повеќе сведоци.

Освен поранешниот премиер Никола Груевски кој е во бегство, во „Титаник“ обвинети се и Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристоски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашјаковска.

Тие се осомничени за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања.

Треба да знаете
Последни објави