Путин и Ердоган договорија безбедносен коридор со заедничко патролирање во Идлиб

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган и неговиот руски колега Владимир Путин денеска во Москва по повеќечасовни разговори постигнаа договор за решавање на кризата во сириската провинција Идлиб.

Документот го прочита рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.

Москва и Анкара и постигнаа договор да создадат безбедносен коридор во провинцијата Идлиб во реонот на сирискиот автопат М4.

– Страните се согласија да создадат заштитен коридор шест километри северно и шест километри јужно од автопатот М4. Конкретните параметри за функционирањето на безбедносниот коридор ќе ги договорат министерствата за одбрана на Руската Федерација и на Турција во рок од седум дена, се наведува во соопштението.

Од 15 март Русија и Турција ќе започнат заедничко патролирање низ автопатот М4 во Сирија од населбата Тромба до селото Аин ал-Хабр.

Русија и Турција ја изразија својата подготвеност да се борат со сите појави на тероризам.

Борбите во сириската провинција Идлиб е договорено да прекинат денеска на полноќ.

Ердоган изрази надеж дека одлуките донесени на денешната средба ќе ја олеснат ситуацијата во северозападна Сирија, каде конфликтите ескалираа во последните неколку недели.

Говорејќи пред почетокот на средбата, Ердоган истакна дека односите меѓу Турција и Русија се во пораст и оти негова цел е да ги зајакне тие врски.

Конфликтот во Идлиб, кој остави раселени речиси милион луѓе, деновиве се интензивираше меѓу сојузничките бунтовници од една страна и сириските владини сили поддржани од Москва и Техеран од друга страна.

Минатата недела 33 турски војници беа убиени во воздушни напади од страна на сириската влада, поддржана од Русија, по што Ердоган ја започна офанзивата „Пролетниот штит“.

Треба да знаете
Последни објави