Речиси 90 проценти од светската популација има предрасуди кон жените, покажа студијата која ја објави Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), во пресрет на Меѓународниот ден на жената.
Мажите се подобри политички лидери или директори на компании од жените. Студирањето е поважно за мажите отколку за жените. Мажите треба да имаат приоритет на пазарот на трудот кога понудата на работни места е мала.
Девет од десет луѓе во светот – вклучително и жени – имаат барем една предрасуда од ваков вид, заклучува агенцијата на ООН врз основа на податоци од 75 земји.
Предрасудите се најсилни во Пакистан, Катар и Нигерија, а во тој поглед најдобро стојат Андора, Шведска и Холандија.
УНДП вели дека и покрај децениите напредок, сè уште има невидливи бариери меѓу мажите и жените.
„Денеска борбата за рамноправноста на половите треба да вклучува елиминација на предрасудите“, вели Педро Консеисао, еден од челниците на УНДП.
Агенцијата на ООН ги повикува владите и институциите да започнат со употреба на нов политички пристап за да стават крај на стереотипното размислување и дискриминаторските практики.
И да се промени поразителната статистика од извештајот дека 28 проценти од луѓето во светот сметаат дека е нормално мажот да ја тепа жената.