Сѐ поголема е заинтересираноста на граѓаните во однос на ИПАРД фондовите. Земјоделците се сѐ поприсутни на средбите со Телото за управување со ИПАРД фондовите при Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во општините во коишто живеат.
На крајот од месец февруари, односно на 29.02. оваа година, се отвори Јавен повик бр.01/2020 кој што се однесува на инвестиции во основни средства на земјоделските стопанства по мерка 1 и ќе биде активен за пријавување до 14.04.2020 година.
МЗШВ и Телото за управување со ИПАРД фондовите организираат инфо денови во сите општини во земјата, каде што се презентираат бенефитите од користење на мерките од ИПАРД Програмата 2014-2020, со што во фокус е Мерката 1 „Инвестиции во материјални средства на земјоделските стопанства“. Висината на финансиската поддршка за Мерка 1 изнесува 60% од вкупните прифатливи трошоци на инвестицијата. Висината на финансиската поддршка се зголемува до 65% за инвестиции во земјоделски стопанства реализирани од страна на млади земјоделци или 70% за инвестиции во земјоделски стопанства во планинските области.
Со цел да можат граѓаните подетално да се информираат за начините за аплицирање и потребните документи, инфо караванот во вторник, 10.03.2020, ќе биде присутен во општина Могила, во општинската сала. Средбата ќе започне од 11:00 часот, а истиот ден ќе биде во општина Кривогаштани во Клубот на пензионери од 15:00 часот.
Наредниот ден на 11.03.2020, во среда, инфо караванот ќе продолжи со инфо средбите во општина Демир Капија од 11:00 во пицерија „Ловец“, а во општина Валандово во Домот на културата „25ти Мај“ од 15:00 часот.
Сите заинтересирани земјоделци, носители на семејно земјоделско стопанство, индивидуални земјоделци или правни лица од овие општини ќе имаат можност да се запознаат со ИПАРД Програмата 2014–2020, особено со новопромовираната мерка 1, со цел, да го развијат и модернизираат сопственото земјоделско стопанство.
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги поканува сите оние кои се заинтересирани за инвестирање по ИПАРД Програмата да присуствуваат на инфо средбите со цел подобрување на сопствените земјоделски стопанства.
– За дополнителни информации и детали за инфо деновите за ИПАРД 2014-2020, сите заинтересирани лица, може да добијат на веб страниците на Телото за управување со ИПАРД фондовите при Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (www.ipard.gov.mk), Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството и Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, и тоа: http://ipard.gov.mk/ , http://mzsv.gov.mk/ , http://ipardpa.gov.mk/ , http://agencija.gov.mk/ или на телефонските броеви на Секторот за управување со ИПАРД при МЗШВ на 02/3134-477 локал 113, 114 и 115 во АФПЗРР 02/3097-460 и АПРЗ 047/228-330 И 047/228-370.