Иранската авиокомпанија „Иран ер“ ги прекина сите летови кон Европа на неопределено време. Во соопштението на компанијата се наведува дека причина за тоа е епидемијата на коронавирус.
Компанијата соопшти дека одлуката произлегува од „ограничувањата“ што ги наметнале европските власти од „непознати причини“.„Иран ер“ има летови кон повеќе европски дестинации, вклучувајќи ги Париз, Лондон, Амстердам, Стокхолм, Франкфурт, Виена, како и Милано и Рим.
Според неколку специјализирани веб-страници, Европската агенција за воздушна безбедност (ЕАСА) на 3 февруари им забранила на авионите на „Иран ер“ да влезат во европскиот воздушен простор. Едниот „ербас А321-200“ и два „ербаса А330-200“ не ги исполниле потребните мерки за да бидат лиценцирани да летаат во Европа.
Пред четири дена Шведска ја укина дозволата за слетување на „Иран ер“. Со 194 мртви и 6,57 илјади потврдени заразени лица, Иран е меѓу земјите кои се најтешко погодени од епидемијата.