Во изминативе две декади жените, независно дали зборуваме за општествениот или за институционален ангажман, а во конкретниов случај за Министерството за внатрешни работи, покажаа една издржана амбициозност, поткрепена со соодветна и квалититена наобразба и стручност, докажувајќи дека можат и знаат, подеднакво со таканаречениот – „посилниот пол“, да се носат со сите предизвици, вклучително и на безбедносната професија, а во голем дел од областите, особено на полициското работење, да бидат далеку поуспешни, поефикасни, поделотворни и од нивните машки колеги, истакна министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев, на почетокот на дводневната работилница за евалуација на менторството, која се одржува во хотел „Гардениа“ во Велес во организација на Секцијата на жени при Македонскиот полициски синдикат, а која е поддржана од мисијата на ОБСЕ во нашата држава.
Според Чулев, значајно е дека овој пат се оди еден чекор понатаму, односно менторството се елаборира од аспект на родовата рамноправност, принцип што веќе има фундаментално значење во развојот на секое модерно демократско општество.
„Имплементацијата на политиката на родова рамноправност е долг процес, дотолку повеќе што станува збор, за релативно ново начело за општествено-социјална стратификација, особено за земјите од овие простори.
Неспорно е дека наспроти овој сериозен општествен реформски концепт сè уште стојат одредени стари клишеа, навики и предрасуди. Но, тоа не смее да не дефокусира, напротив нам ни е нужно континуирано образување, обуки, дискусии и активности, не само во насока на менување и надминување на стереотипите, туку и во поглед на градење на објективни перспективи за етаблирање на местото и улогата на жената како рамноправен субјект, рече министерот Чулев на почетокот на работилницата“, истакна Чулев.