(Видео) Италијанците повторно во редици пред маркетите, по прогласувањето на карантин во цела земја

Откако италијанскиот премиер Џузепе Конте вчера ја прогласи цела Италија за „црвена зона“, ограничувајќи го движењето на населението и воведувајќи забрана за собири, луѓето доцна во ноќата се упатиле кон продавниците што работат во градовите, но и во помалите места.

Меѓу населението постои обновен страв дека залихите на храна може да исчезнат. Снимките што пристигнуваат од Рим прикажуваат огромни редови граѓани со колички за пазарење кои чекаат да влезат во супермаркет.

„Потпишувам одредба која едноставно може да се сведе на зборовите ‘oстанете дома’. Цела Италија ќе стане заштитена зона“, рече Конте при најавата на мерката.

Италијанците од вторник може да патуваат само на работа, или поради медицински и некои други итни причини, бидејќи мерките преземени пред два дена веќе не се доволни, рече премиерот во вчерашното обраќање.

„Нема повеќе време за трошење. Податоците ни кажуваат дека има значајно зголемување на бројот на заразени, хоспитализирани и, за жал, починати лица. Мора да ги промениме навиките во овој момент“, предупреди тој.

Треба да знаете
Последни објави