Се уште е рано за кривично-правна интервенција за директорка на Клиниката за кожни болести, Нина Цаца Билјановска која се заразила со коронавирус при патување во Италија, а кога се вратила, наместо во самоизолација, пет дена одела на работа ѝ им се зканувал на колегите со отказ, кои барале од неа да се тестира, велат од Основното јавно обвинителство за „360 степени“.
Во Кривичниот законик постојат две дела, едното е пренесување на заразна болест и другото е непостапување по здравствените прописи за време на епидемија.
За второто дело, таа не може да одговара бидејќи во земјава не е прогласена епидемија, додека за првото дело е рано за постапување бидејќи не се знае дали заразила некого или не.
„За кривичното дело пренесување заразна болест од член 205 став 1 од Кривичниот законик потребно е сторителот со кршење на прописи или наредби да предизвика пренесување на заразна болест. Ова кривично дело е умислено по својата правна природа. Воедно, во ставот 6 од истиот член е пропишана и казнивост на ова кривично дело сторено од небрежност. Во поглед на настанатата ситуација со докторката – директорка на Универзитетската клиника за дерматологија, Јавното обвинителство ја известува јавноста дека ја следи настанатата состојба и укажува дека се уште е рано за кривично-правна интервенција, од причина што лицата со кои имала контакт докторката се во карантин и се уште не е познато дали таа кај нив предизвикала пренесување на заразната болест, што е битна околност за кривично-правно постапување. Од друга страна, и самата докторка е во карантин и во овој момент не може да се утврди дали во конкретниот случај постапувала умислено или од небрежност”, велат од Јавното обвинителство за „360 степени“.