Филмот „Зад стоговите сено“ во режија на Асимина Проедроу, снимен во копродукција меѓу Северна Македонија, Грција и Германија доби специјална награда ( Special mention) и наградата Здружението на филмски критичари „Фипресци“ ( The International Federation of Film Critics) на 63. Солун филм фест што се одржа од 3 до 13 ноември. Посебното признание на филмот, како што се вели во образложението на жирито, му се доделува бидејќи е многу влијателен и се занимава со актуелна и важна тема.
Македонскиот продуцент на овој комплексен филмски проект е „Сектор Филм“ односно продуцентите Владимир Анастасов и Ангела Несторовска. Главен продуцент на филмот е продуцентската куќа Argonauts Production, а копродуценти покрај Сектор Филм, , се и Fiction Park – Entertainment Halbershmidt Tsika GbR од Германија.
Филмот е награден во селекцијата „Запознај ги соседите“ која ги вклучува режисерите од поширокиот регион на Југоисточна Европа, Источниот Медитеран и Блискиот Исток, кои учествуваат на фестивалот со својот дебитантски или втор филм. Жирито „Запознај ги соседите“ беше во сострав: Тониа Мишали (режисер, продуцент, Кипар), Ави Нешер (режисер-сценарист, Израел) и Џојс Пиерполин (продуцент-коосновач на Women’s Impact Network, САД).
„Едногласно почувствувавме потреба да специјално да споменеме три филма и да им оддадеме признание. Специјалното признание за филмот „Зад стоговите сено“ е бидејќи сметаме дека е многу влијателен и би сакале да ја оддадеме почит за големата работа на режисерот. Сметаме дека се занимава со важна тема која е исклучително актуелна денес. Силните изведби на актерите имаа одлична резонанца, бидејќи ликовите останаа со нас долго по завршувањето на филмот“, стои во образложението на жирито.“
„Фипресци“ пак ја добива за: Вешто инкорпорирање на сите елементи на природата и цивилизацијата во прикажувањето на лицемерието на општеството и декаденцијата на поединците во време на хуманитарна криза, со што се создава повеќеслоен наратив“.
Филмот е награден и од грчкото здружение на филмски критичари: Поради перцептивноста со која го истражува пејзажот на грчкото село, преку испреплетените грешки и драми на семејството заробени во социјалната, политичката и религиозната мрежа на оваа ентропија.
Снимањето се одвиваше во почетокот на минатата година во Грција и на локации во Дојран и Гевгелија. Дејствието се одвива во 2015 година и го прикажува животот на населението од двете страни на границата.
„Зад стоговите сено“ е поддржан од Грчкиот филмски центар, Агенцијата за филм на Република Северна Македонија, а финансиска поддршка доби и од Еуримаж (Европски фонд за копродукција и дистрибуција на кинематографски и аудиовизуелни дела).