Привремен прекин на проектот „Зборувам на јазикот на мојот другар“

Градот Скопје ги известува граѓаните дека поради воведениот привремен прекин на наставата во градските средни училишта во прекин е и спроведувањето на проектот „Зборувам на јазикот на мојот другар“, што почна да се реализира минатата недела. Овој проект ќе продолжи да се спроведува кога училиштата ќе продолжат со наставниот процес.
Проектот „Зборувам на јазикот на мојот другар“ се реализира во 11 средни училишта како една од главните активности на Стратегијата на Град Скопје за меѓуетничка интеграција и граѓанска вклученост. Во рамките на овој проект се реализираат бесплатни тримесечни курсеви за изучување на македонскиот, албанскиот и турскиот јазик, наменет за учениците и наставниците чиј мајчин јазик е различен од оној на избраниот курс. Со посетување на курсевите, учениците имаат можност да стекнат основни познавања на јазикот на кој зборуваат нивните соученици, што ќе придонесе за нивна јазична социјализација.
За оваа активност интерес пројавија вкупно 1.173 ученици и 69 наставници. Од нив, 769 ученици следат курс за изучување на македонскиот јазик, 224 ученици и 69 наставници посетуваат курс по албански јазик и 180 ученици следат курс по турски јазик.

Треба да знаете
Последни објави