Американскиот претседател Доналд Трамп ги суспендираше сите летови од Европа кон САД, освен оние од Велика Британија за период од 30 дена. Оваа одлука претседателот на САД ја соопшти откако вчера беше прогласена пандемија на коронавирусот.
Трамп синоќа имаше видео обраќање до нацијата во врска со одговорот на федералните власти на пандемијата на вирусот, кој според прогнозите на Светската здравствена организација би можел да предизвика смрт кај пет милиони Американци.
-Ограничувањата ќе бидат прилагодени во зависност од ситуацијата на теренот, истакна американскиот претседател и ја потенцира потребата да се сочува смиреноста.
Американците, кои поминале низ соодветните процедури на проверка ќе бидат исклучени од забраната, заедно со карго превозот, рече Трамп и додаде дека ситуацијата ќе се набљудува, при што постои можност летовите да бидат обновени и порано од предвидените 30 дена, објави амрикански „Сан”.
Трамп вети дека ќе им овозможи на вработените Американци да останат дома, без да стравуваат од финансиски потешкотии.
Трамп се обрати откако вчера тргувањата на берзите повторно се намалија, додека кошаркарската колеџ и професионалната НБА лига ги откажаа планираните турнири и игри за оваа сезони, менувајќи ги навиките на голем дел од американската популација.
Школи и универзитети преминуваат на онлајн курсеви, компаниите ги затвораат своите канцеларии, театарско-концертни сали и спортски стадиони не примаат посетители, од претпазливост да не избувне епидемија слична на онаа во Италија и во други земји на ЕУ.
-Европската Унија не успеа да воведе такви мерки на претпазливост (како САД) и да забрани патувања од Кина и другите жешки точки, изјави Трамп.
Додаде дека тоа било причина за појавување на нови жаришта на болеста во САД. Тој не даде објаснување и потврда.