Словачкиот премиер Петер Пелегрини изјави дека ставот на Православната црква во земјата е неодогворен и некоректен.
Пелегрини ова го изјави по повод одлуката на Православната црква да не ја почитува наредбата на централниот кризен штаб за забрана за организирање јавни настани, вклучувајќи ги и црковните богослужби, пренесоа синоќа словачките медиуми.
-Изненаден сум и разочаран со ваквиот став, црквата треба да му помага на народот, а не да го загрозува јавното здравје заради себичното придржување кон традицијата, рече Пелегрини, коментирајќи го тоа што Православната црква сака да продолжи со извршување на верските обреди.
Тој кажа дека уште еднаш ќе ја повика Православната црква да го ревидира и измени својот став и го истакна фактот дека државата на коронавирусот гледа како на закана по здравјето.
-Доколку не ги почитуваат прописите и продолжат тврдоглаво да го промовираат својот став, јас ќе бидам првиот кој ќе поведе постапка за санкции против нив, рече Пелегрини.
Словачката православна црква во вторникот одлучи да продолжи да одржува верски служби, кои вклучуваат и бакнување икони и причест што подразбира пиење вино од иста чаша, со образложението дека е потребно да се обезбедат духовните и материјални потреби, како и дека тие не сметаат дека верските обреди се ризични.