Гринпис ја предупреди Европската унија дека ако сака да ги исполни своите цели за намалување на глобалното затоплување, во наредните триесет години производството и консумацијата на месо ќе треба да се намали за 81 отсто, јави дописничката на МИА од Брисел.
Земјоделството е една од областите со најзначајна улога во климатските промени, што значи дека до 2030, касапниците не треба да произведуваат повеќе од 460 грама месо во просек, и 300 грама до 2050. Моментално просекот е еден килограм и 58 грама по човек неделно.
Невладината организација потсетува дека научниот консензус е дека човекот не треба да јаде повеќе од 300 грама месо неделно, и за сопственото здравје и за одржливоста на животната средина.
-Европејците јадат два пати повеќе месо од глобалниот просек и трипати повеќе млечни производи, стои во соопштението на Гринпис.
Гринпис ја повикува Европската комисија да ги препознае овие податоци и да ги интегрира во својата претстојна стратегија за реформа на прехранбениот систем во ЕУ, која треба да се објави кон крајот на овој месец и позната како „Од фарма до вилушка”.
-Преголемата консумација на месо и млечни производи ги уништува шумите, природата и ја затоплува планетата. Комисијата сака да зборува за обезбедување здрава, достапна исхрана, произведена на одржлив начин? Одлично, но тоа значи дека е време да зборуваме за намалување на месото, изјави активистката на Гринпис, Сини Ераја.
Од земјите на ЕУ, најголема потрошувачка на месо има Шпанија со над сто килограми по човек годишно, а Бугарија најниска со 58 килограми.