Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган рече дека не постои разлика меѓу грчките сили што се обидуваат да ја заштитат границата и нацистите, пренесува грчкиот весник „Катимерини“.
Исламистичкиот лидер ја засили реториката во актуелниот спор со ЕУ додека десетици илјади баратели на азил се обидуваат да влезат во блокот преку грчката граница. Ердоган ги обвини грчките граничари дека се однесуваат како варвари и фашисти.
„Нема разлика помеѓу она што го направија нацистите и сликите што ги гледаме од грчката граница“, рече Ердоган за грчките граничари кои користат солзавец за да ги спречат мигрантите да се пробијат преку граничните бариери.
Коментарите на Ердоган доаѓаат по вжештениот самит во Брисел на кој исламистичкиот лидер го напушти состанокот со претседателот на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, и со претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, откако двете страни не успеаја да дојдат до договор за условите на договорот за миграција од 2016 година.
Според условите на договорот, ЕУ се согласи да испрати помош за Турција во висина од 6 милијарди евра, а за возврат Ердоган требаше да ја држи под контрола мигрантската криза.
Турскиот претседател побара ЕУ да одобри безвизен режим за турските граѓани и да испрати повеќе пари, тврдејќи дека проценетите 3,6 милиони баратели на азил ја чинеле турската влада 40 милијарди евра.
„Ќе продолжиме со сегашната мерка на отворени граници додека не се исполнат сите наши барања“, рече Ердоган за „Асошиетед прес“.
Турција распореди околу 1.000 специјални сили до грчката граница за да ги спречи мигрантите да се вратат во Турција откако беа запрени од грчките сили, пренесува „Тајмс“. Грција проценува дека спречила 42.000 мигранти нелегално да влезат во земјата откако Ердоган ги отвори портите за миграција во февруари.
Ердоган повика на уште еден самит за мигрантската криза, што ќе се одржи во Истанбул следната недела, со германската канцеларка Ангела Меркел, францускиот претседател Макрон и евентуално со британскиот премиер Борис Џонсон.