Поради ширењето на коронавирусот, речиси 3.600 претпријатија во Франција веќе побараа да користат делумни мерки за невработеност за своите работници, или околу 60.000 лица ќе бидат под техничка невработеност, јави дописникот на МИА.
Оваа бројка ја објави француската министерка за труд Муриел Пенико. Овој систем на делумна активност, кој има за цел да го задржи вработувањето во случај на пад на активноста на претпријатието, веќе ја чини државата 180 милиони евра, објасни таа тврдејќи дека нема „ограничување на буџетот” за „заштеда на работни места”.
Кога вработените се ставени во позиција на делумна активност, договорот за вработување е суспендиран, но не е прекинат.
– Избегнуваме десетици илјади отпуштања. Тоа е алатка која ги штити вработените и приходите на вработениот, нагласи Пенико, тврдејќи дека регионалните канцеларии за труд ќе се обидат да одговорат во рок од 48 часа на барањата од претпријатијата. Вработените добиваат часовна компензација од нивниот работодавец, што мора да одговара на најмалку 70% од бруто претходната заработка (84% од нето платата). Од своја страна, државата го сведе на ниво на минималната плата надоместокот за работен час платен на работодавците што го користат овој систем.
– Разгледуваме дали можеме да одиме над минимална плата, истакна Муриел Пенико.
– Туризмот, угостителството, настаните и транспортот се четирите области што најмногу не загрижуваат, рече министерката.