Големата награда на Австралија беше официјално откажана само два часа пред да започне првата слободна тренинг сесија. Во четвртокот вечерта, Би-Би-Си објави дека веќе е донесена одлука, повикувајќи се на сигурни извори од раководството на Формула 1. Сепак, немаше официјална потврда, а на мрежата кружеа противречни изјави дека се уште ќе има трка.
– Ако сте збунети што се случува со Големата награда на Австралија – добредојдовте во клубот, напиша коментаторот на „Скај Спортс” и поранешниот тркач во Ф1, Мартин Брандел на Твитер.
Официјалната изјава на организаторите на Ф1, ФИА и на австралиските Гран пристигна доцна во ноќта по македонско време.
– Сфаќаме колку е фрустрирачка оваа одлука за илјадниците обожаватели кои сакаа да го следат натпреварувањето на трибините во Мелбурн, но тие ќе ги добијат назад вложените пари, велат од централата.
Понатаму, се потенцира дека, сепак, здравјето и безбедноста на „целото семејство Ф1 семејство и општеството како целина, како и правичноста на трката” се приоритет.
Откажувањето на Гран-при на Австралија, дојде откако Мекларен објави дека нема да учествуваат, бидејќи нивни вработен бил заразен со КОВИД-19, а други 14 лица биле ставени во карантин. Гран-при на Бахреин е предвидено да се одржи следната недела без публика на трибините, но никој не може со сигурност да каже дали овој старт ќе биде откажан.
– Ситуацијата е многу тешка да се предвиди, призна шефот на „Либерти Медија”, Чеис Кери.
Денес е различно од тоа што беше вчера, и се разликува од пред четири дена, вели тој.
– Голем предизвик е да се планира кога работите се менуваат со таква брзина”, посочи Кери.
Гран при на Виетнам, кое е предвидено да биде во април, исто така изгледа пред откажување. Судбината на трката во Холандија е исто така нејасна, бидејќи во земјата се преземени вонредни мерки против ширењето на коронавирусот, кои вклучуваат карантин, патни ограничувања и откажување на голем број настани.