Разјаснети мерките со приватните компании, самостојно да направат реорганизација на вработените

Владата му препорачува на приватниот сектор да се придржува до предложените мерки, но не го обврзува на тоа. Смета дека компаниите треба самостојно да направат реорганизација на своите вработени, оние кои имаат дете до 10-годишна возраст кое посетува градинка или училиште и доколку нивниот партнер е вработен во државна институција во целост треба да продолжат со своите работни обврски, доколку и двајцата родители работат во приватен сектор тогаш треба да им се понуди на вработените можност да ја заменат својата смена со цел другиот родител да пристигне од работа и да ја преземе грижата за детето. Но, во никој случај не се поддржува недоаѓањето на работа и одбивањето да се прифати дадениот предлог од работодавачот на работникот за замена на смена. Работодавачот не сноси кривична одговорност доколку понудил решение на работникот каде што тој ќе може да го згрижи своето дете, но и ќе ја заврши својата работна обврска.

Ова е појаснувањето што го добиле вчера компаниите-членки на Делегацијата на германското стопанство од вицепремиерката Мила Царовска во врска со нивните нејаснотии околу владините мерки за заштита од КОВИД-19, донесени на 10 март.

-Објавените мерки предизвикаа одредени нејаснотии кои вчера со заменик претседателот на Владата, Царовска ги разјаснивме. Информацијата што ја добивме од Царовска официјално ќе биде споделена со јавноста на конференција за медиуми која е закажана за сабота, соопшти директорот на Делегацијата, Патрик Мартенс.

Доколку се влоши состојбата по овие 14 дена, Владата, како што додава Мартенс, е подготвена да преземе и други мерки за поддршка на компаниите.

Делегацијата на германското стопанство информира и во врска со вчерашната средба што ја одржа Владата со стопанските комори. На коморите им било предочено дека земјава не се наоѓа ниту во вонредна, ниту во кризна состојба поради КОВИД-19. Воедно им порачала дека треба да се следат мерките за превенција од ширење на вирусот.

-Од гувернерот дознавме дека состојбата на НБРМ е стабилна и државата има доволно девизни резерви, а во одност на инфлацијата, таа е помала од очекуваното. Валутата на денерот и во иднина ќе остане стабилна. Од УЈП бевме информирани дека има зголемена добивка од наплата на ДДВ и од персоналниот данок споредбено со јануари минатата година. Министерката за финасии информираше дека буџетот е во стабилна состојба. Со оглед на тоа дека кризата се случува на почеток на календарската година, има можност да се направи ребаланс на буџетот и пренамена на средствата, било речено на средбата во Владата со стопанските комори.

Треба да знаете
Последни објави