Филипче: Вирусот се пренесува и преку обувки

– Ситуацијата е под контрола. Во споредба со Европа, се чини како мала бројка, иако не треба да се залажуваме. Веројатно ќе има пораст на бројот на заболени. Го очекуваме секое можно сценарио. Имаме вирус кај кој нема правила. Во Италија колегите имаат првични сознанија дека повеќе денови останува на површините, дури и на асфалтот. Вирусот го нашле на нивните обувки, изјави министерот за здравство Венко Филипче во емисијата „Утрински брифинг” на „Слободна ТВ”.

Апелира до граѓаните сериозно да ги сфатат препораките и дека се работи за криза која може и да потрае.

–  Колку повеќе се придржуваат до мерките, толку поблаг ќе биде пикот на болеста и здравствениот систем ќе може да го издржи. Ние не може да предвидиме. Сите мерки што ги правиме е за бројот на заболени да биде што помал. Верувам со сите мерки дека сме подготвени особено со планот на ротација на кадарот, со опрема, материјали дека нема да ни се случи сценарио кое нема да може да го контролираме, истакна Филипче.

Во однос на респираторните машини, Филипче рече дека вкупниот број на машини во сите јавно здравствени установи во државата изнесува над 110-115 од кои 85 се во Скопје. Од приватните може да се смета на близу 80 машини, а од Кина може да се добијат уште 200 машини.

–  Оваа недела завршува постапката и стигнуваат уште 50, а има добра шанса да обезбедиме уште 50 за една недела до 10 дена. Во соработка со амбасадорот на Кина, тој ја понуди нивната помош, како од нивните експерти со разменување искуства со нашите епидемиолози, може да добиеме уште 200 машини од Кина. Не станува збор само за машини, мораме да ги спремиме и луѓето, бидејќи не секој знае да ракува со нив, рече Филипче.

Додаде дека поради потребата од користење на респираторните машини ќе се врши преобука на кадарот.

– Тоа што веќе се направи е распоред на докторите анестезиолози, кои знаат да ракуваат со овие машини. Ќе ротираат во места кои претходно ги одредивме кај ќе се третираат пациенти со цел да спласне притисокот и да се штеди кадарот. Ако во некоја институција се најде заразен целиот персонал оди во изолација. Од денес се редуцирани оперативните интервенции за да се штеди кадарот и крвта, редуцирани се и крводарителските акции. Нема да има интервенции кои може да се одложат. Нема повеќе утрински стручни состаноци, со цел да се редуцира физичкиот контакт, телефонски ќе се зборува. Еден доктор може да биде одговорен за повеќе пациенти. Тоа што почнува да се прави е тренинг на медицински сестри кои треба да работат на интензивна нега. Тие што беа примени изминатите две години, ставени се во функција да работат на обични одделениија, а на поискусните им треба мала едукација за интензивните одделенија, истакна Филипче.

Треба да знаете
Последни објави