Македонската радио-телевизија денеска го почнува емитувањето на едукативна програма наречена „ТВ училница”. Трите канали на националниот телевизиски сервис ќе емитуваат едукативни содржини по предметите кои учениците ги изучуваат на училиште.
Првата емисија на македонски јазик почна во 10.30 часот на МТВ 1, а во 12.15 часот на МТВ 2 ќе биде на албански јазик.
Наставници ќе ги предаваат лекциите кои во овој период требаше да бидат совладани согласно со наставните планови и програми, а за децата од претшколска возраст ќе се емитуваат едукативни емисии и приказни согласно со нивната возраст.
Првата тема е посветена на хигиената затоа што, како што соопшти МОН, таа е секогаш исклучително важна, но особено во овој период мора да биде подигната на највисоко ниво.
Секој ден ќе бидат најавувани емисиите и темите кои ќе бидат обработувани утредента.
Министерството за образование и наука апелира до сите ученици да ја следат програмата и корисно да го исполнуваат времето кое го поминуваат дома, додека училиштата и градинките се привремено завторени, нагласувајќи дека образованието е нивниот најдобар интерес и процес кој не смее да трпи застој.