Компанијата Фиат Крајслер Аутомобајлс (ФЦА) го прекинува производството на две недели во повеќето нејзини европски фабрики за да ги заштити работниците од пандемијата на новиот коронавирус и да го прилагоди бизнисот на намалената побарувачка, објави денеска италијанско-американскиот производител на возила.
ФЦА, за која аналитичарите проценуваат дека произведува околу 25 проценти од своите возила во Европа, во соопштението посочува дека запирањето со работа, кое ќе трае до 27 март, ќе и овозможи на компанијата „ефикасно да одговори на нарушувањата на пазарот со тоа што ќе обезбеди оптимизирање на понудата”.
Во соопштението се додава дека привремено ќе биде запрено производството во објектите на ФЦА во Италија, Србија и Полска.
Италијанскиот синдикат на работници ФИОМ ја опиша одлуката на Фиат-Крајслер како „неопходна”.