Мерките на институциите се во служба на јавното здравје, цените на основните продукти се замрзнуваат, следуваат казни за оние кои нема да ги почитуваат

Јавното здравје е приоритет број еден во државата и затоа секој поединец мора да преземе одговорност за негова лична заштита и за заштита на околината. Само со одговорно однесување кон јавното здравје можеме да придонесеме во  справувањето со корона вирусот.

За таа цел, сите државни институции работат во полн капацитет, секојдневно заседава Комисијата за заразни болести која редовно излегува со нови препораки и нови заштитни мерки, Министерството за здравство заедно со лекарите и медицинскиот персонал деноноќно се на работните места со цел да ги спречат последиците од вирусот, Владата е во постојано заседание и будно ја следи состојбата внатре во државата, но и опасностите кои се појавуваат од надвор.

Во насока на спречување ширењето на зараза и надминување на ситуацијата, Владата синоќа донесе нов сет на мерки.

Се затвораат сите гранични премини за премин на странски државјани, освен за влез на товарни камиони и претставници на дипломатскиот кор, Следува затворање на Меѓународниот аеродром во Скопје.

За да се спречи какво било профитирање од состојбата со коронавирсусот. Владата на Република Северна Македонија донесе Одлука за замрзнување на цените на основните продукти: на леб, сол, зејтин, млеко и млечни производи, јајца, брашно, месо, тестенини, лекови и дезинфекциони средства со состојба на денот на прогласување на пандемијата од Светската здравствена организација (СЗО), освен за оние за кои има доказ дека се зголемени влезните фактури.

Оваа одлука влегува со сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија”, и е усвоена со цел да не се злоупотреби моменталната состојба на пазарот и да се заштитат потрошувачите во услови на зголемена побарувачка на пазарот за овие производи.

За оние кои ќе се обидат на ваков начин да им наштетат на граѓаните, следуват високи казни, но и кривични пријави.

Институциите се максимално посветени, заедно со стручни експерти, да продолжат да ја држат ситуацијата под контрола, да нема нови жаришта на вирусот и во статистиката да не заведуваме жртви, туку излекувани пациенти.

Веруваме и во капацитетот на граѓаните и очекуваме дека нивната одговорност и сплотеност ќе помогнат во справувањето со вирусот.

Треба да знаете
Последни објави