Глас за Македонија: Да се воведе масовно и бесплатно тестирање за коронавирус

Партијата Глас за Македонија бара бесплатно, масовно тестирање на населението за коронавирусот.

Како што наведуваат од партијата на Солза Грчева, по препораките на Светската Здравствена Организација само раното тестирање и брзата изолација на заразените е ефикасен начин за запирање на ширењето.

„Изолирањето на региони, се покажува неефикасно, бидејќи во просек секој заразен, заразува најмалку 10 околу него. Проблемот е што 80% од носителите немаат симптоми, а се високо заразни“, објаснуваат од партијата.

По примерот на Јужна Кореја, партијата предлага организирање на неколку регионални центри за тестирање, каде луѓето кои се тестираат остануваат во своитe автомобили и целата постапка трае 10 минути.

„Резултатот го добиваат следниот ден на телефон во порака. Вакви центри веќе се организираат во повеќе земји и тоа е начин кој не бара богата инфраструктура“, велат од Глас за Македонија и порачуваат дека пари за тестирање мора да се најдат.

„Сега е моментот, кога навидум нема многу заразени. Но, кога луѓето не се тестирани таа бројка е сосема непозната. Можеби ги има многу повеќе“, велат од партијата за својот предлог за спречување на вирусот за кој истакнуваат дека доколку не се стави под контрола навреме, може да се рашири како пожар.

 

Треба да знаете
Последни објави