Во овој момент е веројатно Велигден да го славиме далеку од црквите, вели портпаролот на грчката Влада, Стелиос Пецас, во интервју за грчката телевизија „Скај”, објаснувајќи дека постои зголемување на случаите на Ковид-19 во земјата, јави дописничката на МИА од Атина.
-Ние сме подготвени да ги продолжиме мерките што ги имаме преземено до сега. Кога експертите ќе ни кажат дека треба да ги тргнеме овие мерки, ќе го сториме тоа, вели Пецас
Тој беше прашан дали може и за Велигден, што и не е толку далеку, Грците да биде потребно да останат дома и далеку од црквите.
-Мислам да. Во овој момент би било многу ризично да се предвиди што ќе се случи по три седмици. Ги чекаме следните две седмици што доаѓаат, а потоа одново да ја оцениме ситуацијата, објасни портпаролот на грчката Влада.
За вчерашната одлука на Светиот синод на Грчката православна црква, Пецас вели дека е во позитивна насока, но со нејасностии во однос на неделните литургии, па затоа и интервенираше премиерот на Грција Кирјакос Мицотакис да се откажат сите литургии.
-Јавното здравје е над сѐ. Многу пати имаме кажано, тоа го кажа и премиерот, овие денови не е ставена на тест нашата верба, туку се тестира индивидуалната одговорност и нашата колективна зрелост, па според тоа, премиерот вчера презеде иницијатива. Иако ја видовме одлуката на Светиот синод, што, треба да се истакне дека е во многу позитивна насока, постоеше едно нејасно прашање, во однос на неделните литургии. Премиерот донесе одлука да каже дека тие ќе се одржуваат само индивидуално и ова не е само за православната црква, туку е за сите догми, рече Пецас
Во однос на тоа дали и во Грција се разгледува сценариото за целосно забранување на движењето како што е во Италија и Шпанија, Пецас рече дека владата е „подготвена на сѐ, ако биде потребно”, додавајќи де сега одат чекор по чекор.