Европската комисија разгледува како да го поврзе Западен Балкан со иницијативите на ЕУ поврзани со коронавирусот. Европската комисија и Европскиот центар за спречување и контрола на болести (ECDC) внимателно го следат развојот на коронавирусот на Западен Балкан, при што делегациите на ЕУ тесно соработуваат со надлежните органи.
„Пандемијата на коронавирус е глобална криза без преседан, сериозна вонредна ситуација зајавното здравје на граѓаните, општествата и економиите. Десетици илјади луѓе се заразени, а илјадници умреле во Европската унија. Бројот на заразени лица во Западен Балкан е во пораст“, рече портпаролката на Европската комисија, Ана Писонеро.
Тесната координација и соработката на регионално и на ниво на ЕУ се клучни фактори за реагирање на овој итен случај.
„Ние разгледуваме начини да го поврземе Западен Балкан со иницијативите што ги презема ЕУ, и како најдобро да се даде поддршка за ублажување на социо-економските последици, вклучувајќи ја и можноста за тоа како да се пренасочи финансирањето на ИПА-фондовите и флексибилноста со правилата за државна помош“, истакна Писонеро.
Во изјавата се вели дека во овие тешки времиња е потребна солидарност.
„Ова не е време за полемика или неосновани обвинувања. Европската Унија е главенм донатор, инвеститор и трговски партнер на регионот на Западен Балкан. Од 2014 година, секоја година ЕУ одобрува над една милијарда евра за поддршка на жителите на Западен Балкан, се вели во соопштението на Европската комисија.