Ханс Анри Клуге, регионален директор на Светската здравствена организација (СЗО) за Европа, изјави денеска дека Европа добро се справува со епидемијата на Ковид-19 и истакна дека заразата може да се надмине со солидарност и дисциплина.
„На милиони луѓе во нашиот регион, животот се промени радикално, ние едноставно живееме во нова реалност”, рече Клуге, кој се обрати до јавноста од празното седиште на ОН во Копенхаген.
Тој потврди дека вирусот погодил 152 земји, дека 7.000 луѓе починале и дека третина од потврдени случаи се во Европа, што го прави епицентар на пандемијата.
Клуге истакна дека ширењето на вирусот претставува загриженост за целото човештво, дека е потребно да се преземат најостри мерки за да се забави ширењето на инфекцијата и дека никој нема право да мисли дека тоа е туѓа грижа.
Тој оцени дека добрата вест е дека Европа презела конкретни мерки и е целосно подготвена да се бори против новиот коронавирус.
Клуге додаде дека епидемијата не е со ист интензитет во сите земји.
„Ширењето на епидемијата напредува со различна брзина од земја до земја во зависност од демографијата и другите фактори”, рече Клуге.
„Во Регионалната канцеларија на СЗО за Европа, ние ќе обезбедиме техничка експертиза и совети, ќе споделуваме информации и иновации со сите земји-членки и ќе работиме постојано”, рече Клуге.
Регионалниот директор додаде дека СЗО испратила стручни тимови во четириесетина држави што побарале помош.