Легендите на Манчестер јунајтед, Гери Невил и Рајан Гигс, по примеерот на Роман Абрамович, сопственикот на Челзи, ја одушевија јавноста во Велика Британија, откако објавија дека ги отстапуваат своите хотели на лекарите и на медицинските сестри кои деноноќно водат борба со коронавирусот.
Тие имаа два објекти за хотелско сместување, еден во близина на „Олд Трафорд“ и друг во центарот на Манчестер, кои во иднина ќе бидат место за одмор на тие што водат најголема битка против смртоносната болест, која го зафати целиот свет. Лекарите, сестрите и сите останати кои се борат заедно со нив ќе можат во овие хотели да се одморат, јадат и да преспијат помеѓу смените.
„Ваквата одлука ја донесовме бидејќи сакаме да ја поддржиме заедницата во која живееме, особено нашите болници и луѓето кои работат во нив. Се надеваме со отворањето на вратите на нашите хотели ќе им дадеме поддршка и засолниште кога тоа би им било најпотребно” изјавил Невил.
Во В. Британија во моментов има 2.600 заразени со болеста Ковид-19, а досега се забележани повеќе од сто смртни случаеви како последица од заразувањето со коронавирусот.