Стокови резерви имаме доволно, обезбедени сме за повеќе од шест-седум месеци, но граѓаните треба да знаат дека во овој момент немаме потреба ниту од активирање на механизмот на стоковите резерви, ниту на што било друго, информираше денеска премиерот Оливер Спасовски на прес-конференцијата во Владата по повод вонредната состојба.
Тој појасни дека транспортот на стоки е нормален и дека можеме нормалано, во договор со сите држави од регионот да вршиме набавки на сите стоки што се потребни за широката потрошувачка.
– Стокови резерви имаме доволно и во однос на државните стокови резерви меѓутоа и во однос на маркетите и големите трговски центри. Се снабдуваме со секојдневни стоки за широка потрошувачка. Така што во тој дел не треба да се грижат граѓаните. Апел до граѓаните дека нема потреба од создавање залихи дома, да се купуваат непотребно голем број на намирници од маркетите и на тој начин да создаваме навалици и да ја зголемиме опасноста од ширењето на вирусот, туку напротив тоа што имаме потреба да го земеме и да бидеме солидарни, порача Спасовски и додаде дека државата е таа која што има механизми и начини како да обезбеди.
Во однос на најчестите прекршители на непочитувањето на одлуките на Владата, премиерот рече дека тоа се граѓаните кои се собираат во поголеми групи.
– Веќе работат инспекциските служби и имаме дури и приведување и кривични гонења на одредени сопственици на угостителски објекти, коишто работат и покрај забраните да работат. Исто така, еден од проблемите е и самоизолацијата, оние коишто доаѓаат од надвор имаат потреба да се самоизолираат, ќе се преземаат најстроги санкции од страна на МВР преку ЈО за такви лица, истакна Спасовски.
Тој апелираше до сите граѓани кои треба да бидат самоизолирани, кои ги потпишале изјавите дека ќе се самоизолираат под кривична и материјална одговорност, тоа да го прават и доколку тоа не се случи, најверојатно ќе се носат ригорозни мерки за нив и за нивните семејства, бидејќи самоизолацијата значи едноставно почитување на сите нас и една од најефикасните мерки за да можеме да го спречиме ширењето на вирусот.
– Во тој дел ќе бидеме многу ригорозни, многу строги без никаква толеранција на секој еден што овие мекри не ги почитува и на тој начин директно го загрозува здравјето на граѓаните и тука ќе се применат одредбите од Кривичниот закон, дециден е Спасовски.