Здружението на новинарите на Македонија ги избра добитниците на годишните новинарски награди на ЗНМ за 2019 година. Оваа година, ЗНМ доделува три новинарски награди и тоа: Наградата за животно дело „Крсте Петков Мисирков“, наградата „Јашар Еребара“ за истражувачко новинарство и наградата за најдобро новинарско известување за теми од локално и регионално значење за 2019 година за новинари од внатрешноста на Северна Македонија.
Наградата „Крсте Петков Мисирков“ за животно дело и беше доделена на долгогодишната новинарка на МРТ и известувач од Собранието, Мира Костиќ која годинава стави крај на својата богата новинарска кариера. Наградата „Јашар Еребара“ за истражувачко новинарство им припадна на новинарите на емисијата „360 степени“ Зоран Јовановски и Славица Филиповска за прилогот со наслов „360 на терен со УЈП – итроштини и ургенции на секој чекор“. Наградата за најдобро новинарско известување за теми од локално и регионално значење за 2019 година за новинари од внатрешноста на Македонија му е доделена на новинарот Ване Трајков од Струмица за неговите прилози за проблематичниот тендер на ЈПКД „Комуналец“ Струмица. За сите наградени следува плакета како признание од ЗНМ, а за наградените за истражувачките стории следува и парична награда од 1,000 евра по категорија.
Поради ситуацијата со коронавирусот во државата и препораките на институциите за избегнување на групни собири, ЗНМ овој пат нема да организира настан за свечено доделување на наградите. Оттаму, Здружението на новинарите на Македонија им честита на добитниците на наградите и ги охрабрува колегите да продолжат со добрата работа и оваа година во интерес на јавноста со подготвување на квалитетни новинарски прилози.
Членот на жирито за избор на наградите Ана Петрушева рече дека оваа година имале тежок избор поради бројните квалитетни пријави за трите награди. „Жирито избираше помеѓу стотина текстови и видео прилози пријавени од дваесетина новинари за наградата за истражувачко новинарство. И тоа не беше лесен избор. Имаше важни приказни, силни приказни што алармираат, документираат и откриваат системски грешки, злоупотреби на положба, корупција и други прашања од јавен интерес“, истакна Петрушева.
„Сториите на новинарите Зоран Јовановски и Славица Филиповска и дадоа на јавноста редок увид во работењето на инспекторите на УЈП со сите грди страни и разобличија обид за влијание што произведе повеќе ефекти во институциите. Ваквите стории ја сензибилизираат и едуцираат јавноста за корупцијата, но и влијаат на промена на однесувањето и менталитетот во однос на корупцијата“, рече Петрушева. Во однос на наградата за животно дело Петрушева истакна дека Мира Костиќ како долгогодишен новинар и препознатлив собраниски известувач оставила свој печат како неуморен репортер со висока работна етика. „Наградата за локално известување жирито му ја додели на Ване Трајков за серијалот прилози за проблематичен тендер во Струмица кој што предизвика бројни реакции и на крај резултираше со поништување на тендерот“, додаде таа.
На јавниот конкурс оваа година во предвидениот рок, вкупно беа поднесени 27 апликации за награди за сите три категории, а членови на Комисијата за избор на наградите беа Ана Петрушева, Бењамин Арифи и Кристина Мачкиќ.