Еврокомесарот за хуманитарна помош, Јанез Ленарчич, денеска најави дека европските служби ќе го прилагодат механизмот за поддршка за да вклучува и медицинска опрема, јави дописничката на МИА од Брисел. Станува збор за ‘rescEU’ алатка, која од сега ќе создава резерви на лична медицинска опрема како маски и ракавици, но и друг вид на медицинска опрема за интензивна нега, респиратори, како и вакцини кога ќе бидат достапни.
-Сакам да истакнам дека ова не е виртуелна реалност, ова е многу реална работа која се случува насекаде и ги повикувам сите граѓани да го направат својот дел и да останат дома, изјави Ленарчич на денешната прес конференција во Европската Комисија.
Иницијалната функција на механизмот ‘rescEU’ е да помага при природни катастрофи како шумски пожари, но состојбата со пандемијата на коронавирусот ги наведе европските власти итно да ги прошират надлежностите на оваа алатка.
Со активирањето на механизмот, ЕУ очекува да се подобри состојбата со медицинската опрема, но предупредува дека одлуките на одредени земји да забранат извоз на опрема не е во духот на европската солидарност и не е од помош.
-Забраните за извор ја поткопуваат солидарноста врз која е заснивана ЕУ и Цивилниот механизам за заштита, затоа повикуваме на отстранување на забраните и успеавме на пример со Германија, изјави Ленарчич.