Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Кочани до Основниот суд во Кочани достави Предлог за издавање на казнен налог против едно лице кое сторило кривично дело– Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија од член 206 став 1 од Кривичниот законик.
Обвинетиот на 17.03.2020 година по четиридневен престој во Шведска – земја со висок ризик од зараза со вирусот КОВИД -19, се вратил во РС Македонија каде на граничниот премин на Меѓународниот аеродром – Скопје бил запознаен со определените мерки за сузбивање и спречување на внесување и ширење на корона вирусот и потпишал изјава за задолжителна самоизолација во период од 14 дена во неговиот дом. Свесен за своето дело и сакајќи да го изврши, не постапил според определените прописи и упатства, туку наредниот ден го напуштил домот и дошол во Основниот суд во Кочани.
Со ваквото дејствие, обвинетиот постапил спротивно на мерките на Владата на РСМ за спречување на внесување и ширење на корона вирусот, со што го сторил кривичното дело што им се става на товар.
Обвинителството побара изрекување на парична казна против обвинетиот во висина од 100 дневни глоби или вкупно 2000 евра во денарска противвредност.