Стејт департментот се подготвува да објави четврта, најсериозна категорија на препорака за патувања во странство, со повик до американските граѓани да избегнат секакви меѓународни патувања, дознаваат некои медиуми во САД.
Во објавата, Американците во странство ќе се повикаат да останат на местото на престој и да се засолнат поради опасност од коронавирусот.
Четврта категорија на препорака за патувања во странство е најсериозна. Обично се однесува за региони и земји каде има војни или се погодени од големи катастрофи.
Досегашната препорака за патувања беше од трета категорија. Објавата, која најверојатно ќе биде дадена денеска, не е задолжитена туку е само советодавна. Во моментов милиони Американци се наоѓаат во странство и многумина најверојатно ќе одлучат да останат таму каде што се, пишува „Њујорк тајмс”.
Канада исто така објави препорака до своите граѓани да се вратат дома или да не патуваат во странство.
Границите меѓу многу западни држави, како и онаа меѓу Канада и САД, се затворени освен за итни случаи, поради опасност од ширењето на Ковид-19, од кој најранливи се лицата постари од 60 години.
Во моментов Европа е најпогодена како жариште на вирусот, додека Кина, каде инфекциите започнаа да се намалуваат минатата недела, соопшти дека вирусот е победен.
Досега, на глобално ниво има речиси 300 илјади потврдени случаи на Ковид-19, вкупниот број на починати лица е над 9.300, додека над 84 илјади луѓе се излекувани, според „Џон Хопкинс”, водечки институт за медицински истражувања во САД.